22 Јун Кршењето на дигиталните права се шири во Југоисточна Европа за време на пандемијата на коронавирусот
Случаите на кршење на дигиталните права зачестија во Централна и Југоисточна Европа за време на пандемијата на коронавирусот, а над половина од нив вклучуваат пропаганда, ширење дезинформации или објавување на непроверени информации, покажа мониторингот спроведен од БИРН.
Според Балканската мрежа за истражувачко известување („БИРН“) и Фондацијата Share, од 26 јануари до 26 мај имало околу 163 случаи на кршење на дигиталните права во Босна и Херцеговина, Хрватска, Унгарија, Северна Македонија, Романија и Србија. Шеесет и осум од случаите се поврзани со манипулации во дигиталното опкружување, додека 25 се однесуваат на објавување невистини и непроверени информации со намера да се наштети на нечиј углед. Државите ретко пружиле одговор на злоупотребите што произлегуваат од овие кршења на дигиталните права – имено, во 45 случаи сторителите не биле идентификувани, додека 139 од вкупно 163 случаи не биле решени.
Осум случаи биле резултат на притисок во врска со објавување информации, 12 се однесувале на навреди и неосновани обвиненија, а 11 на говор на омраза и дискриминација. Кршењата кои се однесуваат на медицински и лични податоци се забележани во 18 случаи, компјутерска измама е регистрирана во 11 наврати, додека до уништување и кражба на податоци и програми дошло во три случаи.
Шпекулациите за бројот и идентитетот на заразените лица со КОВИД-19 доведоа до масовна изложеност на лични и приватни податоци на социјалните медиуми и платформите за пораки. Во некои случаи, ваквото протекување на податоци беше мало во опсег, но имаше потенцијално сериозни последици, особено во ситуации во кои беа откриени личните податоци на пациентите.
Најсериозните случаи се забележани во Хрватска, Северна Македонија и Црна Гора. Во март во Хрватска, порака која содржеше список на заразени пациенти беше споделена меѓу жителите на островот Муртер, претежно преку апликации за пораки.
Нелегалната обработка на лични податоци и нарушувањата на приватноста се случија и во Северна Македонија. Агенцијата за заштита на лични податоци во земјата поднесе кривична пријава против непознато лице за објавување на лични податоци на лица кои живеат во градот Куманово.
Кај јавноста во Србија се јави загриженост кога се откри дека податоците за влез (корисничко име и лозинка) во српскиот информативен систем за анализа и складирање на здравствени податоци за време на пандемијата осум дена биле јавно достапни на веб-страницата на една здравствена установа.
Граѓаните на Црна Гора најмногу страдаа од стигматизација како резултат на голем број протекувања на евиденција на пациенти со СОВИД-19. Идентитетот на заразените пациенти беше откриен преку постови на социјалните мрежи, предизвикувајќи говор на омраза насочен кон тие лица. Поединците кои ги кршеле мерките за самоизолација беа, исто така, цел на напади, а честопати, самите влади ги откриваа нивните лични податоци.
Во ентитетот во кој доминира српското население во Босна, Република Српска, властите отворија веб-страница на која ги објавуваа имињата на лицата кои не ги следеле пропишаните мерки за само-изолација. Списокот сè уште може да се најде на интернет. Како мерка против ширењето на коронавирусот, црногорската влада објави список на лица на кои им била изречена мерка само-изолација по враќањето од странство. Списоците, структурирани по општини, содржат имиња на поединци, презимиња, датум кога биле ставени во изолација и нивните домашни адреси. Списокот беше отстранет само еден месец откако беше објавен.
Овде можете да најдете повеќе за извештајот на БИРН:
Преземено од Балканската мрежа за истражувачко известување