Повреда на Конвенцијата со де факто лишување од можноста за преиспитување на казната доживотен затвор

Во предметот Сандор Варга и други против Унгарија (жалби бр. 39734/15, 35530/16 и 26804/18) Европскиот суд за човекови права утврди повреда на член 3 (забрана на нечовечко или понижувачко казнување или постапување) од Европската конвенција за човекови права.

Предметите се однесуваат на доживотните казни на жалителите без можност за условно ослободување.

Првопријавениот е осуден за убиство со умисла за финансиска корист на четири лица и серија вооружени грабежи извршени во криминална организација. На вториот и третиот жалител им се изречени казни за убиство со умисла на шест лица, извршено со посебна суровост со расистички мотиви и во криминална организација, и за серија поврзани кривични дела (вооружен грабеж и дела кои вклулуваат употреба на огнено оружје). Четвртиот жалител беше осуден за обид за убиство на неколку луѓе со цел остварување на незаконска финансиска корист и извршено со посебна суровост, како и по неколку точки за разбојништва и напад.

Жалителите тврдат дека биле де факто лишени од вистинска шанса да бидат ослободени, дури и по воведувањето на законски измени по пресудата на Судот во Ласло Маџар против Унгарија (жалба бр. 73593/10, 20 мај 2014 година) со кои се воспоставува задолжителна постапка за помилување откако осуденото лице ќе отслужи четириесет години. Тие сметаат дека постапката за помилување не претставувала доволна гаранција за намалување на нивната казна, прво, затоа што таа била применлива само откако издржале четириесет години од казната, период што не бил во согласност со стандардите на Судот и, второ, затоа што тоа била чисто дискрециона одлука, која не ги задоволувала барањата за објективност и предвидливост.

Судот заклучи дека новото унгарско законодавство не нудело де факто намалување на целата доживотна казна на жалителите. Тој фактор, заедно со недостатокот на доволно процедурални гаранции во вториот дел од постапката, како што било предвидено со новото законодавство, биле причина Судот да утврди повреда на членот 3 од Конвенцијата.

Судот забележа дека аргументите изнесени од Владата се слични на оние што веќе се испитани и отфрлени во Т.П. и А.Т. против Унгарија. Владата не поднела никакви нови околности што би го натерале Судот да отстапи од претходните наоди дека целата доживотна казна на жалителите не може да се смета за намалена за целите на членот 3 од Конвенцијата. Според тоа, постои повреда на таа одредба.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права