Новинарска статија за долгови на поранешен тенисер не претставува прекршување на Конвенцијата

Во предметот Тириак против Романија (жалба бр. 51107/16, 30.11.2021) Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека нема повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на наводна клеветничка новинарска статија за жалителот и на последователната судска постапка. Жалителот, Јоан Тириак, е романски државјанин, кој е роден во 1939 година и живее во Монте Карло (Монако). Тој е поранешен тенисер и претседател на Романскиот олимписки комитет и се смета дека е еден од најбогатите луѓе во Романија. Во 2010 година, еден новинар во националниот весник Финанциарул објавил статија со наслов „Петнаесет мултимилионери и нивните долгови од четвртина милијарда леи кон државата – рецептот за деловен успех е загарантиран кога бизнисите се финансираат од јавни средства или кога не се плаќаат даноци “. Статијата се однесувала на долгот кон државата на 15-те најбогати луѓе, сопственици на компании во Романија и тие биле прикажани како „најголеми должници“ заедно со нивните фотографии (вклучувајќи го и жалителот), проценетото богатство и нивниот долг.

Бидејќи статијата се однесуваше на деловните активности и пракси на некои од најбогатите Романци и на нивното влијание врз системот на наплата на даноците во државата, јасно е дека таа се однесувала на тема од јавен интерес. Судот се согласи со домашните судови дека во статијата не се говорело за приватниот живот на  жалителот, туку за неговите професионални активности, како и со аргументот дека таа не се однесувала исклучиво на него. Судот ги забележа наодите на националните судови дека написот не бил навредлив и декасодржината била комбинација од вредносни судови и изјави за факти кои, со оглед на севкупната содржина и пораката која се сакала да се испрати со статијата, биле фактички поткрепени. Судот пресуди дека во овој предмет не станувало збор за лоша намера на новинарот, ниту пак за какви било видливи последици по животот на жалителот.

Земајќи го предвид горенаведеното, Судот сметаше дека националните судови постигнале рамнотежа помеѓу правата на спротивставените засегнати страни во согласност со критериумите утврдени во судската пракса на Судот. Оттаму, не дошло до повреда на член 8 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права