10 Фев Кривична осуда за нарушување на јавниот ред и мир поради изразување политичко мислење – не била во согласност со Конвенцијата
Во предметот Каруев против Русија (жалба бр. 4161/13, 18.01.2022), Европскиот суд за човекови права со 6 гласа „за“ и 1 „против“ оцени дека дошло до повреда на членот 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на осудителната пресуда изречена на апликантот за плукање на портретот на рускиот претседател Путин во 2012 година, во пресрет на неговиот реизбор. Тој бил осуден за нарушување на јавниот ред и мир и му бил одреден притвор во времетраење од 15 дена.
Владата тврдеше, од една страна, дека плукањето по портретот на претседателот на Русија претставувало облик на неморално однесување и дека осудителната пресуда на жалителот била неопходна заради спречување на нереди.
Од друга страна, Судот сметаше дека чинот на плукање на портретот на политичар во пресрет на неговиот реизбор бил израз на политичко мислење. Во тој контекст, осудителната пресуда на жалителот, и како резултат на тоа, 15- дневното притворање претставувале мешање во неговата слобода на изразување.
Понатаму, Судот не беше уверен дека елементите на кривичното дело според член 20.1 став 1, одредбата според која жалителот бил кривично гонет, биле соодветно поткрепени со докази. Главниот елемент „повреда на јавниот ред и мир што се манифестира како грубо непочитување на општеството“ морал да биде поткрепен со доказ за употреба на непристоен јазик, вознемирување или уништување односно оштетување на имот.
Сепак, домашните власти не дале докази дека постапката на жалителот предизвикала вознемирување на јавноста или гнев кај минувачите. Според фактите, во суштина сé поминало мирно. Всушност, присутните полициски службеници не виделе причина да интервенираат, а жалителот бил уапсен само четири часа подоцна.
Според тоа, кривичниот прогон на жалителот немало јасна и предвидлива основа во домашното право и неговата осуда не била „пропишана со закон“ во смисла на Европската конвенција.
Оттаму, утврдена е повреда на членот 10.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права