Усвоен е Глобалниот договор на ОН за безбедна, уредна и законска миграција

За прв пат, државите членки на Обединетите нации се согласија со сеопфатниот текст на Глобалниот договор на ОН за безбедна, уредна и законска миграција, со цел подобро управување со меѓународните миграции, решавање предизвици, јакнење на правата на мигрантите и придонес кон одржлив развој.

После повеќе од едногодишна дискусија и консултации помеѓу државите членки, локалните власти, граѓанското општество и самите мигранти, текстот на Глобалниот договор за безбедна, уредна и законска миграција е завршен на 13 јули 2018. година.

Во соопштението, Генералниот секретар Антонио Гутерас го поздрави договорот и го нарече „значајно достигнување“. Тој рече дека договорот го одразува „заедничкото разбирање од страна на владите дека прекуграничната миграција по својата природа е меѓународна појава и дека ефикасното управување со таа појава налага меѓународна соработка. Исто така, Глобалниот договор го признава правото на секој поединец на сигурност, достоинство и заштита“.

„Оваа сеопфатна рамка на договорот опфаќа низа цели, активности и начини за спроведување, следење и ревизија“, додаде шефот на ОН.

Претседателот на Генералното собрание, Мирослав Лајчак, нагласи дека донесувањето на договорот е „историски момент“. Договорот „Не поттикнува миграција, ниту пак има за цел да ја спречи. Нема правно обврзувачка улога, не диктира, ниту наметнува правила, туку во потполност го почитува суверенитетот на државите“. Наместо тоа, како што истакна Претседателот на Генералното собрание: „Може да не води од реактивен кон проактивен начин на работа. Исто така, може да ни помогне да ја искористиме предноста на миграцијата и да ги ублажиме ризиците коишто таа може да ги донесе. Може да даде нова платформа за соработка и може да претставува начин на пронаоѓање вистинска рамнотежа помеѓу правата на луѓето и суверенитетот на државите“.

Договорот ќе биде формално усвоен од државите членки, на меѓу-владина конференција што ќе се одржи на 10 и 11 декември во Маракеш, Мароко.

Преземено од официјалната веб страна на Обединетите нации