17 Јул Доживотен затвор во согласност со член 3 од Европската конвенција за човекови права
Во предметот на Дарданцис против Литванија (жалба бр. 74452/13 и 15 други жалби, 11.07.2019 година) Европскиот суд за човекови права едногласно донесе одлука да ги отстрани жалбите од својот список на предмети.
Предметот се однесуваше на жалбата на подносителите во која тврдеа дека нивната доживотна казна затвор претставува нечовечко и понижувачко постапување бидејќи немале надеж дека ќе бидат пуштени на слобода.
Жалителите се 16 државјани на Литванија, на кои сите им била изречена казна доживотен затвор и ја издржуваат истата. Во март 2019 година беа донесени законски измени во литванскиот закон кои се однесуваат на доживотните затвореници и според кои се дозволува казната доживотен затвор да се замени со казна затвор на одредено време, а затвореникот да биде ослободен условно. Овој законодавен акт, исто така, ја утврдува постапката која треба да се примени за да се заменат казните, како и критериумите кои треба да ги исполни едно лице кое издржува казна доживотен затвор за да се квалификува за замена.
Повикувајќи се на член 3 (забрана на нечовечко или понижувачко постапување), сите подносители тврдеа дека во моментот кога тие ги поднеле своите жалби литванскиот закон не бил изменет како би се усогласил со судската пракса на Европскиот суд во однос на прашањето за доживотен затвор.
Осврнувајќи се на измените направени во литванското законодавство во март 2019 година, Судот најпрво забележа дека преиначувањето на доживотната казна затвор е предвидено да се прави со судска одлука, што Судот го прогласи за задоволително решение. Второ, Судот забележа дека барањето за ревизија (преиспитување) на казната доживотен затвор може да се разгледа најрано 20 години откако лицето било притворено или почнало да ја издржува казната доживотен затвор. Овој период беше пократок од максималниот индикативен рок од 25 години за кој Судот сметаше дека е прифатлив. Трето, доживотен затвореник може да земе активно учество во постапките за ревизија (преиспитување) на неговата или нејзината казна, во рамките на која судот треба да донесе образложена пресуда, која може да се обжали. Таквата ревизија содржи доволно процедурални гаранции, со оглед на тоа што и доживотниот затвореник и неговиот адвокат имаат право да бидат присутни на суд и да докажат дека затвореникот се реформирал.Четврто, Судот се осврна и кон критериумите што судовите требаше да ги земат предвид при преиначувањето на доживотната казна затвор. Поконкретно, таквите критериуми се однесуваат на ризикот од рецидивизам, целите на доживотната казна затвор и ефектот од издржување на казната доживотен затвор врз осуденото лице, како и нивото на примена на поправните мерки.
Судот сметаше дека тие критериуми се доволно објективни за да се овозможи делотворна проценка за тоа дали лицето се реформирало и заслужило преиначување на казната. Еден конкретен недостаток кој Судот го забележа во претходниот режим е дека доживотните затвореници не биле во можност да добијат информација во врска со причините за одбивањето на нивните барања за помилување. Сега тој недостаток беше коригиран.
Оттука, Судот сметаше дека постапката за преиначување на казната доживотен затвор и критеримумите за таквото преиначување, како измени неодамна донесени од литванските власти, претставуваат соодветен и доволен правен лек за жалбата на подносителите. ЕСЧП заклучи дека прашањето кое довело до подигање на жалба сега може да се смета за „решено“ во смисла на член 37 став 1 (б). Конечно, не постоеше ниту една конкретна причина во врска со почитувањето на човековите права заради која Судот би требало да продолжи со разгледувањето на жалбите според член 37 § 1. Според тоа, жалбите беа отстранети од списокот на предмети на Судот.
Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права