01 Дек ЕКРН објави препораки за спречување и борба против нетолеранцијата и дискриминацијата на ЛГБТИ лицата
Во септември 2023 година, Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) на Советот на Европа ја објави Општата препорака за политики бр. 17 за спречување и борба против нетолеранцијата и дискриминацијата на ЛГБТИ лицата.
ЕКРИ ги повика креаторите на политиките на локално, регионално и национално ниво да ја земат предвид различноста во рамките на ЛГБТИ заедницата и интерсекцискиот пристап при осмислувањето на нивните мерки. Тоа значи дека креаторите на политиките треба да ги препознаат различните подкатегории од кои потекнува ЛБГТИ заедницата и нивните други карактеристики, вклучувајќи „раса“, етничко или национално потекло, државјанство, религија, пол и статус на попреченост, коишто може да влијааат на различните форми на дискриминација со кои тие се соочуваат. ЕКРИ, исто така, ги нагласи „уникатните искуства, предизвици и ранливости со кои се соочуваат лезбејките, бисексуалците, трансродовите и интерсексуалните жени“.
И покрај напредокот постигнат во однос на заштитата и поддршката на правата на ЛГБТИ во членките на Советот на Европа, сè уште постојат значајни предизвици кои опстојуваат, што ја нагласува потребата од понатамошни напори за решавање на грижите со кои се соочува ЛГБТИ заедницата. Предизвиците опфаќаат низа прашања, вклучително, меѓу другото, и отсуството на веродостојни податоци, потребата од инклузивно образование, признавањето на истополовите двојки и семејни врски, непризнавањето на родот, правата на интерсексуалните личности, говорот на омраза и антиродовите кампањи.
Оттука, ЕКРИ обезбеди насоки кои имаат за цел да им помогнат на земјите-членки во спречувањето и справувањето со случаите на нетолеранција и дискриминација против ЛГБТИ заедницата, што треба да се направи преку заеднички напори со заедницата.
Дадени се препораки во повеќе области, кои опфаќаат општи принципи, политики, институционална координација, превенција, заштита, истрага, гонење и мерки што произегуваат од процесното право. Препораките го вклучуваат следново:
- спроведување на мерките преземени во рамките на борбата против дискриминацијата и нетолеранцијата кон ЛГБТИ луѓето на сите административни нивоа (локално/регионално и национално) и, со тоа, олеснување на вклучувањето на широк опсег на чинители од различни сектори на општеството;
- изработка на закони, политики, акциони планови и мерки кои ги признаваат различните лични карактеристики на ЛГБТИ лицата и пристапите на интерсекционалност;
- обезбедување на тоа дека националното кривично законодавство опфаќа дела од кривична природа со анти-ЛГБТИ мотив и дека секој таков мотив може да се смета како отежнувачка околност при определувањето на казните;
- обезбедување ефективна правна рамка за прекугранично признавање на ЛГБТИ партнерствата и другите семејни врски на ЛГБТИ лицата;
- обезбедување на тоа дека најдобрите интереси на детето се примарни при креирањето политики и во сите административни и судски одлуки за ЛГБТИ децата и за децата на ЛГБТИ лицата;
- гарантирање дека добивањето законско признавање на родот не зависи од тоа луѓето да прифатат да бидат подложени на злоставувачки барања, вклучително и недоброволна стерилизација и/или медицински постапки и дијагнози во однос на менталното здравје;
- преземање чекори за усвојување сеопфатни, ефективни и одвраќачки правни мерки, со кои се забранува извршување на медицински непотребни операции и други нетерапевтски третмани сè додека интерсексуалните деца не бидат способни да учествуваат во одлуките;
- обезбедување на тоа дека наставните програми на сите нивоа на образование, вклучително и сеопфатно образование за односи и сексуално образование, ги вклучуваат ЛГБТИ прашањата на начин кој е сензитивен, соодветен на возраста и лесно разбирлив;
- обезбедување на тоа дека услугите за поддршка на жртвите, вклучувајќи телефонски линии за помош, системи за пријавување инциденти, правни и други советодавни услуги и засолништа за жртви, се достапни за целите на адекватно справување со ЛГБТИ жртвите на дискриминација, говор на омраза и злосторства од омраза;
- обезбедување на тоа дека, онаму каде што е извршено кривично дело против ЛГБТИ лицата, оние за кои се смета дека се ЛГБТИ лица или против лица кои се поврзани со ЛГБТИ лица, можноста дека тоа е мотивирано од анти-ЛГБТИ предрасуди е истражена од самиот почеток и сочинува интегрален дел од истрагата.
Како заклучок, важно е да се нагласи дека, иако ЕКРИ усвои голем број препораки за општи политики кои се однесуваат на дискриминацијата и расизмот во различни домени и се насочени кон различни маргинализирани групи, ова е првиот случај во кој конкретно се насочува кон нетолеранцијата и дискриминацијата на ЛГБТИ заедницата.