Казната затвор без можност за условно пуштање не е во согласност со Конвенцијата за човекови права

Во предметот Марчело Виола против Италија (бр. 2) (жалба бр. 77633/16, од 13 јуни 2019 година), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) утврди со мнозинство гласови дека дошло до повреда на член 3 (забрана на нечовечко или понижувачко постапување) од Европската конвенција за човекови права („Конвенцијата“).

Предметот се однесуваше на доживотна казна затвор без можност за побрзо пуштање на слобода. 

Жалителот,  г-дин Марчело Виола, е италијански државјанин кој во моментот се наоѓа во затворот Сулмона (Италија). Тој бил вклучен во низа инциденти меѓу два ривалски мафијашки кланови од средината на 1980-те до 1996-та година. Во декември 2008-та година, жалителот бил осуден на доживотна казна затвор со дневна изолација во траење од дев години и два месеца. 

Тој двапати поднел барање за ослободување од затвор. Неговото прво барање било одбиено во јули 2011-та година. Тој се жалел против оваа одлука, но органот надлежен за надзор на кривичните санкции ја одбил неговата жалба, сметајќи дека не е утврдено дека жалителот го прекинал контактот со злосторничката организација и дека од неговото секојдневно однесување не може да се утврди дека развил критичко размислување во однос на своето криминална минато. Второто барање за ослободување од затвор било одбиено од истите причини.

Во март 2015-та година г-дин Виола поднел барање за привремено ослободување од затвор до надлежниот суд за надзор на кривични санкции. Во одлука од 26.05.2015 година, судот утврдил дека неговото барање не може да биде одобрено бидејќи неговото ослободување било условено со соработка со правосудните органи и трајно прекинување на врските помеѓу осуденото лице и мафијашките кругови.

Во пресудата од 22 март 2016-та година, Касациониот суд ја одбил неговата жалба.

Повикувајќи се на член 3 од Конвенцијата (забрана на нечовечко или понижувачко постапување), подносителот на жалбата се жалел дека неговата доживотна казна затвор не предвидува можност за предвремено пуштање на слобода и не предвидува привремено ослободување од затвор. Повикувајќи се на членовите 3 и 8 од Конвенцијата (право на почитување на приватниот и семејниот живот), тој исто така се пожали дека затворскиот режим е неспоив со целта за рехабилитација на затвореникот и социјална реинтеграција.

Во својата одлука, ЕСЧП повтори дека човечкото достоинство е во самата суштина на системот на Конвенцијата. Недопустливо е лицата да се лишуваат од слобода без притоа да се тежнее кон нивна рехабилитација и да не им се дава можност повторно да бидат слободни во некое идно време. 

ЕСЧП призна дека домашните прописи им нудат на осудените затвореници избор да соработуваат со правосудните органи. Меѓутоа, ЕСЧП изрази сомнеж за слободната природа на тој избор и соодветноста на изедначувањето на недостатокот на соработка со опасноста на затворениците за општеството. Главната причина што затворениците одбиваат да соработуваат е стравот од загрозување на нивниот живот или животот на нивните семејства.

Оттаму, ЕСЧП заклучи дека недостатокот на соработка не е секогаш резултат на слободен и намерен избор, ниту, пак, тој нужно рефлектира континуирано придржување кон криминалните вредности или постојана врска со криминалните организации. Затоа, ЕСЧП утврди дека недоволната соработка на жалителот со правосудните органи создала претпоставка дека тој претставува опасност за општеството, што го лишило од каква било реална перспектива за пуштање на слобода.

Соодветно на тоа, ЕСЧП сметаше дека изречената казна доживотен затвор на г. Виола согласно дел 4  од Законот за управување со затворите (ергастоло ostativo) ги ограничила изгледите за негово ослободување и можноста за преиспитување на казната. Затоа, неговата казна не може да се смета за  казна која би можела да биде намалена за целите на член 3 од Конвенцијата.

Сепак, договорните страни уживаат широко поле на слободна проценка во одлучувањето за соодветното времетраење на затворските казни, а фактот што доживотната казна затвор во пракса може да се отслужи во целост не значи дека не постои можност за нејзино намалување. Следствено на тоа, можноста за преиспитување на доживотните казни затвор укажува на можноста осуденото лице да поднесе барање за ослободување, но тоа не мора да биде ослободено доколку продолжи да претстваува опасност за општеството.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права