Неправилно спроведена истрага на сексуално вознемирување на работното место

Во предметот Ц. против Романија (претставка бр. 47358/20, 30.08.2022), Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека дошло до повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот живот) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесувал на наводи за сексуално вознемирување на работното место по кривична пријава поднесена од жалителката, чистачка во железничка станица, против управителот на железничката станица и наводниот неуспех на државата да се справи со случајот.

Судот забележа дека железничката компанија била во сопственост на државата и дека, поради тоа, претставува јавен орган. Сепак, се чини дека железничката компанија сторила многу малку како одговор на наводите за сексуално вознемирување од страна на еден од нејзините вработени. И покрај постоењето на внатрешна политика со која се забранува секое однесување што нарушува нечие достоинство и се охрабрува пријавување на таквото однесување кај раководството, шефот за безбедност на патниците одбил да го испита случајот на Ц. и ја советувал да оди во полиција, доколку смета дека е потребно.

Сепак, Судот забележа дека главниот фокус на жалбата на Ц. бил одговорот даден од страна на обвинителите и судовите на нејзините поплаки за сексуално вознемирување. Затоа, Судот испита дали државата доволно го заштитила правото на Ц. на почитување на нејзиниот приватен живот, особено нејзиниот личен интегритет, во кривичната постапка во врска со наводите. Судот забележа дека Ц. поднесла кривична пријава против Ц.П. за сексуално вознемирување, дека истрагата започнала веднаш и дека и обвинителството и Окружниот суд признале дека Ц.П. се однесувал на начин како што го навела Ц., но сметале дека тоа не претставува кривично дело сексуално вознемирување. Со решенијата донесени по предметот, било утврдено дека Ц.П. не бил кривично одговорен за наводното кривично дело или дека Ц. не се чувствувала понижено поради неговото однесување, а тоа е елемент што се бара со домашното законодавство за таквото однесување да се класификува како сексуално вознемирување.

Но, ништо во одлуките на домашните судови не покажало како властите дошле до нивниот заклучок. На пример, не била извршена проценка на односот на моќ и подреденост помеѓу Ц. и Ц.П. или заканите што тој наводно ги упатувал кон неа. Освен тоа, не испитале дали дејствијата на Ц.П. имале некакви можни психолошки последици врз Ц. или дали постоеле причини Ц. да изнесува лажни обвиненија против Ц.П., како што било навестено во некои од изјавите на сведоците. 

Дополнително, Судот со загриженост забележа дека одлуката на обвинителството содржи и детален приказ на инсинуациите на Ц.П. во неговите изјави за приватниот живот на Ц. и за наводните мотиви за нејзините постапки и обвинувања; во очите на Судот, тоа претставува секундарна виктимизација, додека тие наводи можеби не биле ништо повеќе од параван за одвлекување на вниманието.

Затоа, без да изнесе став околу тоа дали Ц.П. бил виновен за сексуално вознемирување, Судот утврди дека истрагата за случајот содржела значителни пропусти, што довело до прекршување на должноста на државата според член 8 од Конвенцијата.

 Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права