20 Фев Означувањето на детска книга како штетна само врз основа на нејзината ЛГБТИ содржина претставува кршење на Конвенцијата
Во предметот Макате против Литванија (жалба бр. 61435/19, 23.01.2023) Европскиот суд едногласно одлучи дека дошло до повреда на членот 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на детска книга со бајки која содржела приказни за истополови бракови. Дистрибуцијата на книгата била прекината набргу по нејзиното објавување во 2013 година. Дистрибуцијата продолжила една година подоцна откако книгата била означена како веројатно штетна за децата на возраст под 14 години. Ова беше првиот случај во кој Европскиот суд за човекови права ги проценуваше ограничувањата на литература напишана специјално за деца во која станува збор за истополови врски.
Судот утврди дека мерките против книгата на жалителот имале за цел да го ограничат пристапот на децата до информации кои прикажуваат истополови врски како суштински еднакви врски на лица од различен пол. Судот го отфрли аргументот на Владата дека тие се обиделе да ги заштитат децата од сексуално експлицитни информации. Поконкретно, Судот не можеше да види како, според националните судови и Владата, одредени делови – принцеза и ќерка на чевлар кои спијат во прегратка по нивната венчавка – биле сексуално експлицитни. Ниту, пак, беше убеден од аргументот на Владата дека книгата ги промовирала истополовите семејства повеќе од останатите семејства.
Напротив, бајките промовираа почитување и прифаќање на сите членови на општеството во основниот аспект од нивниот живот, имено посветената врска. Судот веќе во својата судска пракса имаше одлучено дека не постојат научни докази – како што е потврдено од различни меѓународни тела – кои сугерираат дека самото спомнување на хомосексуалноста, или отворената јавна дебата за социјалниот статус на сексуалните малцинства, би имале негативно влијание врз децата.
На крајот, тој сметаше дека ограничувањето на пристапот на децата до информации за истополовите врски – кога таквите информации не може да се сметаат за несоодветни или штетни за нив на која било друга основа освен сексуалната ориентација – покажува дека властите претпочитаат некои видови врски и семејства во однос на другите и дека тие гледаат на односите помеѓу лица од различен пол како на односи кои се општествено поприфатливи и повредни од односите помеѓу лица од ист пол, а со тоа придонесуваат за континуирана стигматизација.
Според тоа, Судот заклучи дека мерките преземени против книгата на жалителот не биле насочени кон цели кои што тој би можел да ги прифати како легитимни во смисла на член 10.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права