15 Окт Парична казна за интервју во кое се споменува употреба на марихуана претставува прекршување на Конвенцијата
Во предметот на Рингер Аксел Спрингер Словачка, а.с. против Словачка (бр. 4) (жалба бр. 26826/16, 23.09.2021) Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека дошло до повреда на членот 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права.
Жалителот, Рингер Аксел Спрингер Словачка, а.с. е словачка компанија основана во 1990 година и регистрирана во Братислава. Предметот се однесуваше на телевизиска програма на жалителот во која познат пејач наводно изразил поддршка за легализација на марихуаната, а новинарот наводно се согласил со него. Како резултат на ова, биле иницирани управни постапки против компанијата жалител, со што таа била казнета во 2012 година за прекршување на забраната за промовирање на употреба на дрога. Втората одлука против компанијата -жалител била издадена од Советот за радиодифузија во 2014 година.
Компанијата жалител тврдеше дека само ги презентирала мислењата на Х. за да ја информира јавноста за прашање од јавен интерес.
Судот прифати дека дошло до мешање во слободата на изразување на компанијата жалител и одлучи да утврди дали мешањето било неопходно во едно демократско општество. Судот особено го нагласи фактот дека изјавите не биле дадени од самата компанија жалител, туку од член на естрадата во интервју.
Поради важноста за демократијата, Судот повтори дека новинарството е подложно на заштита предвидена во рамките на член 10, но во одредени граници. До казнување на новинар за ширење ставови на друго лице не би требало да дојде без многу добри причини.
Судот забележа дека предметната програма била на актуелна тема и дала свој придонес за дебата од јавен интерес. Судот не веруваше дека новинарот имал намера да ја промовира марихуана или да поттикне на нејзина употреба. Тој наведе дека толкувањето на размената на ставови во емисијата од страна на домашните судови било посебно стриктно и дека недостасувала неопходна проценка на сите релевантни фактори. Не се докажало дека дека компанијата жалител постапила со лоша намера или неодговорно.
Како заклучок, Судот утврди дека паричната казна била непропорционална и не биле неопходна во едно демократско општество, што довело до кршење на Конвенцијата.
Преземено од официјалната веб сајт на Европскиот суд за човекови права