Полициските власти постапиле законски во однос на електронски податоци и му овозможиле на жалителот право на одбрана

Во предметот Рук против Германија (жалба бр. 1586/15 од 25 јули 2019 година) Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) едногласно заклучи дека немало повреда на член 6, став 1 (право на правично судење) во однос на член 6, став 3 (б) (право на доволно време и можност за подготовка на одбраната) од Европската конвенција за човекови права („Конвенцијата“).

Предметот се однесуваше на прашањето за правичноста на кривичната постапка во рамките на која биле собрани околу 80.000 податоци за телекомуникациски надзор и 14 милиони електронски датотеки.

Жалителот, Мајкл Рук, е германски државјанин, кој бил виш менаџер и генерален директор на голема малопродажна компанија за електроничка опрема во Германија и други европски земји. Во февруари 2011 година, Јавното обвинителство во Аугсбург започнало кривична истрага против г-дин Рук за земање поткуп во трговски активности. За време на истрагата бил спроведен телекомуникациски надзор од широк опсег. Снимени се вкупно околу 44.970 телефонски разговори и околу 34,000 други бази на податоци. Околу 14 милиони електронски датотеки снимени на уредите за чување податоци биле запленети при претресот на домот на г. Рок и другите простории.

Во декември 2012 година, Окружниот суд го осудил г-дин Рук по сите сите 63 точки од обвинението за земање поткуп во трговски активности на пет години и три месеци затвор.

Во февруари 2014 година, Сојузниот суд на правдата ја укинал пресудата на Регионалниот суд во врска со три точки за поткуп во трговска активност, но ја отфрлил и жалбата на г-дин Рук по другите основи за жалба како неоснована. Во јуни 2014 година, Сојузниот уставен суд не допуштил уставна жалба.

Повикувајќи се на член 6, став 1 и член 3 (б) (право на правично судење и право на соодветно време и услови за подготовка на одбраната), г-дин Рук вложил жалба заради што во текот на кривичната постапка против него, тој и неговиот бранител немале доволен и соодветен пристап до аудио-датотеките, текстуалните пораки и електронските датотеки запленети од властите за време на истрагата.

ЕСЧП забележа дека во текот на постапката властите му дале на г-дин Рук пристапува до документацијата поврзана со истрагата и му обезбедиле сеопфатен преглед на наводите и доказите. Властите, исто така,  доставувале ажурирана документација во врска со истрагата во секој момент. Г-дин Рук не тврдеше дека податоците, датотеките или документите што биле дел од документацијата поврзана со истрагата не биле доставени навремено до неговиот адвокат за да му се овозможи да се запознае со истите пред или за време на судењето.

ЕСЧП истакна дека властите одлучиле да дозволат објавување на телекомуникациските податоци за надзорот во целост и дека бранителот на  г-дин Рук имал можност да изврши увид во материјалот прво во полициските простории, а подоцна и во затворот. Покрај тоа, г-дин Рук никогаш не прецизирал како точно овие ограничувања го попречиле во тоа да ја изнесе својата одбрана. Разумен е аргументот на властите дека не бил дозволен увид во податоците без присуство на полициски службеник со цел да се заштитат правата на оние чии што разговори биле снимени.

ЕСЧП сметаше дека жалителот имал доволен период од три и пол месеци, од септември 2012 година, кога му било обезбедено некриптирано ЦД, до декември 2012 година, кога била изречена пресудата, да ги анализира датотеките и да ги идентификува оние кои ги сметал за релевантни. Самиот факт што судската постапка веќе почнала не значи дека тој имал малку време за подготовка. ЕСЧП заклучи дека г-дин Рук имал доволно време да се запознае со електронските датотеки. Според тоа, во овој предмет не дошло до кршење на член 6, став 1 во врска со член 6, став 3 (б).

Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права