02 Авг Прекршувања на Конвенцијата во случајот на потопениот брод со мигранти
Во предметот Сафи и други против Грција (претставка бр. 5418/15, 7.7.2022 година), Европскиот суд за човекови права едногласно оцени дека дошло до повреда на член 2 (право на живот) и на член 3 (забрана за нечовечко или понижувачко постапување) на Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесувал на потопувањето на рибарски брод кој превезувал 27 странски државјани во Егејското Море на 20 јануари 2014 година кај островот Фармакониси, што резултирало со смрт на 11 лица, вклучително и роднини на подносителите на претставката. Според нив, бродот на крајбрежната стража се движел со многу голема брзина, со цел да ги оттурне бегалците назад кон турските води, а тоа предизвикало превртување на рибарскиот брод. Според националните власти, бродот бил упатен кон островот Фармакониси за да ги спаси бегалците, а се превртел поради паниката и наглите движења на луѓето во бродот.
Во врска со истрагите од страна на националните власти, Судот забележа дека е покрената кривична постапка против вклучените крајбрежни стражари. Сепак, подносителите на претставката се жалеле на неколку проблеми поврзани со истрагата, како, на пример, проблемите со толкувањето кога од нив биле земени изјави. Тие изјавија дека записите од нивните изјави не ја отсликуваат нивната вистинска содржина и дека никогаш не рекле дека бродот потонал како резултат на ненадејните движења на оние што биле на бродот во текот на предметните случувања. Тие, исто така, особено се пожалија дека целата операција за која станува збор не била организирана и спроведена на начин на којшто ќе се гарантира заштита на нивното и правото на живот на нивните роднини, дека центарот за координација и истражување не бил информиран и дека не биле почитувани одредбите од релевантните меѓународни инструменти. Судот утврди дека имало недостатоци во постапката и заклучи дека националните власти не спровеле темелна и ефикасна истрага со која би можело да се расветлат околностите во кои бродот потонал.
Во врска со позитивните мерки за заштита на животот, Судот утврди дека грчките власти не направиле сè што може разумно да се очекува од нив за да им го обезбедат на жалителите и нивните роднини нивото на заштита што се бара со член 2 од Конвенцијата. Имало неколку ситуации во кои владата не успеала да ги заштити подносителите на претставката. Не беше дадено објаснување како властите имале намера да ги пренесат жалителите на безбедно со помош на пловило од типот PLS 136, кое било глисер и ја немало потребната опрема за спасување.
Конечно, Судот утврди повреда на членот 3 во однос на 12 од жалителите кои биле на бродот и кои, откако тој потонал, биле подложени на понижувачко постапување при телесните претреси на кои биле подвргнати при пристигнувањето во Фармакониси. Судот утврди дека претресот можел да предизвика чувства на произволност, инфериорност и вознемиреност кај подносителите на претставката, што резултирало со степен на понижување што го надминува нивото на неизбежност, а со тоа и на толеранција, а кој претресот со соблекување на лицата неизбежно го вклучува.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права