Република Српска го поништи Извештајот на Комисијата за Сребреница во кој се признава геноцидот

Националното собрание на Република Српска во Босна и Херцеговина предизвика загриженост кај водечкиот експерт на Обединетите нации за спречување на геноцид поради одлуката да го поништи своето усвојување на Извештајот на Комисијата за Сребреница од 2004 година, во кој се признава геноцидот за време на војната во Босна во 1990-те.

,,Отфрлањето на наодите на Комисијата е чекор назад за Босна и Херцеговина. Тоа го поткопува владеењето на правото и националните и меѓународните напори за постигнување правда за жртвите на злосторствата извршени врз луѓето од сите етнички групи за време на војната во БиХ во периодот 1992-1995 година”, рече Специјалниот советник Адама Диенг.

Многу од наодите на Комисијата беа потврдени и поткрепени  со пресудите на меѓународните, домашните и странските судови.

Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија утврдија дека масакрот на босанските муслимани во Сребреница претставува геноцид.

За време на неговата посета во февруари, г-дин Диенг забележа дека е очигледно дека настаните од минатото се користат за политички цели. Тој изрази загриженост во врска со отфрлањето на судските пресуди, глорификацијата на воените злосторници и нивните злосторства, назначувањето на осудените воени злосторници на јавни функции и негативното влијание што овие случувања би ги имале врз изгледите за помирување во земјата.

,,Недовербата и крајното непријателство меѓу политичките лидери кои претставуваат различни изборни единици го спречуваат секој значаен напредок кон помирување”, заклучи Специјалниот советник.

Преземено од официјалниот веб сајт на Обединетите нации.