21 Авг Семејно насилство
Во случајот Н.К. против Германија (број 59549/12, oд 26.07.2018 година) Европскиот суд за човекови права едногласно заклучил дека не станува збор за кршење на член 6, став 1 и 3 (д) од Конвенцијата (Право на парнично судење и право обвинетиот за кривично дело да ги испитува сведоците против себе или да е овозможено нивно испитување и да се обезбеди присуство и сослушување на сведоците во корист на обвинетиот под исти услови како и на оние против него). Подносителот на представката, Н.К. е германски државјанин кој моментално се наоѓа во притвор. Предметот се однесува на кривична постапка против него поради семејно насилство.
Н.К. е уапсен и притворен во септември, 2009 година поради сомнение дека врши насилство над својата сопруга. Истражен судија, без да му назначи бранител на подносителот на претставката, ја сослушал сопругата на апликантот, која изјавила дека трпела насилство од страна на апликантот се додека не успеала да побегне од дома и да најде прибежиште во куќата на соседите. Таа изјавила дека трпела во бракот неколку напади од страна на апликантот, но нападите ескалирале последниот викенд од нивниот заеднички живот.
Во текот на судењето против подносителот на претставката, неговата сопруга одбила да сведочи. Регионалниот суд сепак одлучил да се потпре на сведоштвото на сопругата на апликантот, кое таа го дала на истражен судија, и врз основа на тоа да го осуди подносителот на претставката на шест и пол години затвор во јуни, 2010 година.
Судот се потпирал на изјавите на многу сведоци за случувањата на тој кобен ден, 2 август, 2009 година, вклучувајќи ги и повредите на сопругата на апликантот, како и изјавите на: советникот во прифатилиштето за жени каде сопругата на подносителот на претставката била примена; синот на сопругата на подносителот на претставката, кој бил во својата соба тој кобен викенд; неколку комшии кои и помогнале на сопругата и полициските службеници кои дошле на самото место.
Апликантот безуспешно поднел жалба по повод одлуката на Регионалниот суд, а поднел и уставна жалба. Потоа, потпирајќи се на член 6, став 1 и 3 (д), се жалел пред Судот дека постапката против него била неправична бидејќи ниту тој, ниту неговиот бранител немале прилика во ниту една фаза да ја испитуваат сопругата на апликантот, која што била единствениот директен сведок на кривичните дела за кои е осуден.
Судот утврдил дека изјавите на сопругата на подносителот на претставката во претресната постапка не биле единствените докази на кои Регионалниот суд ги темелел своите одлуки. Напротив, постоеле и други цврсти докази врз основа на кои подносителот на претставката бил осуден. Поради тоа, не станува збор за кршење на членот 6, став 1 и 3 (д) од Конвенцијата.
Преземено од официјалнана интернет страна на Европскиот суд за човекови права