25 Дек Стагнацијата во справувањето со минатото во поранешна Југославија го загрозува помирувањето и мирот
Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, неодамна објави извештај во кој ја оценува состојбата на транзициската правда во поранешна Југославија. Ова доаѓа една деценија по првичниот тематски извештај за истата тема, изработен од Канцеларијата на Комесарот за човекови права на Советот на Европа. Новиот извештај ги испитува и достигнувањата и недостатоците во справувањето со минатото на регионот и ги идентификува пречките за постигнување на попозитивни резултати.
Беа направени позитивни чекори во идентификувањето и пронаоѓањето на исчезнатите лица за време на војната, како резултат на добрите законодавни рамки, современите форензички технологии и ефективното вклучување на семејствата на исчезнатите. И финансиската поддршка и политичкиот притисок на надворешните фактори во соработката со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија одиграа клучна улога во обезбедувањето на транзициската правда. Освен тоа, по завршувањето на воените конфликти во регионот беа вложени напори за да се привлече внимание на сексуалното насилство извршено во текот на конфликтите, нагласувајќи ја потребата од родово чувствителни пристапи во соочувањето со минатото.
Граѓанските организации одиграа клучна улога во случаите на кршење на човековите права, а комесарот Мијатовиќ ја нагласи важноста од зајакнување на политичката и финансиската поддршка за нив, поздравувајќи ги како „во моментов најдобрата надеж за подобра иднина заснована на човековите права и владеењето на правото“.
Сепак, постојат многу предизвици во справувањето со минатото. Многу процеси на транзициската правда се закочени. Илјадници осомничени сторители на воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид извршени за време на војните во 1990-тите, чекаат понатамошна истрага и кривичен прогон во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска. Заштитата на сведоците останува актуелен предизвик, како и пристапот до ефективни и адекватни репарации, особено за преживеаните жртви на сексуално насилство.
Дополнително, јавните функционери вмешани во грубото кршење на човековите права остануваат на позиции во државната служба, како одраз на раширениот феномен на етно-националистички дискурс, негирање на злосторствата и глорификација на воените злосторници. Одобрувањето на овој наратив од политичарите на највисоките политички нивоа и неговата употреба како „стратегија за добивање гласови и одржување на власта“ се сметаат за „многу вознемирувачки“.
Комесарката Мијатовиќ нагласува дека неуспехот целосно да се споравиме со воените злосторства и нивните причинители од 1990-тите до денес и понатаму има тешки последици врз почитувањето на човековите права, владеењето на правото, социјалната кохезија и загрозувањето на мирот во регионот. Таа ги повикува државите да ги ревитализираат своите напори да се справат со минатото преку различни мерки, вклучително и регионална соработка, усвојување на пристап кој се темели на жртвите, зајакнување на поддршката за силен ангажман на граѓанското општество во транзициската правда и спроведување на образовни иницијативи и иницијативи за негување на културата на сеќавање.