24 Јул Членот 4 се применува и на трговија и експлоатација на жените заради проституција
Во предметот С.М против Хрватска (претставка број 60561/14 од 19.7.2018 година), Европскиот суд за човекови права заклучил дека дошло до повреда на член 4 (забрана на ропство и присилна работа) на Европската конвенција за човекови права.
Случајот се однесува на наводите на тужителката дека била принудена на проституција. Тужителката ја поднела кривичната пријава во септември 2012 година, наведувајќи дека маж, поранешен полицаец, ја присилувал на проституција во текот на неколку месеци, во средината на 2012 година. Кон крајот на 2012 година, поранешниот полицаец е обвинет, а подносителка на претставката официјално добила статус на жртва на трговија со луѓе. Меѓутоа, после истрагата, тој е ослободен од обвинувањата. Националните судови утврдиле дека сведочењето на тужителката е неосновано и неубедливо, како и дека обвинителството не обезбедило доволно докази за да се осуди поранешниот полицаец. Националните судови, исто така, утврдиле дека тужителката доброволно давала сексуални услуги. Жалбата на Државното правобранителство била отфрлена во јануари 2014 година, додека уставната жалба на претставката на подносителката е прогласена за неприфатлива во јуни истата година.
По тој повод, тужителката поднела претставка пред Судот, наведувајќи дека властите не пружиле соодветно објаснување за донесувањето на пресудата со којашто поранешниот полицаец се ослободува од обвинението и дека Република Хрватска нема соодветна законска рамка за решавање на прашањата поврзани со проституција.
Во својата пракса, Судот веќе се имал бавено со прашањата поврзани со трговија со луѓе, но случајот на подносителката на претставката е прв случај во којшто Судот морал да разгледа дали членот 4 е применлив на трговија со луѓе и експлоатација на жени со цел проституција. Судот пресудил дека не само трговијата со луѓе, туку и проституцијата спаѓа во рамките на член 4 од Европската конвенција. Повикувајќи се на меѓународното право во областа на трговија со луѓе, Судот заклучил дека не е важно тоа што не постоел меѓународен елемент во овој случај. Судот конкретно ја цитирал Конвенцијата на Советот на Европа за спречување трговија со луѓе, којашто Хрватска ја ратификувала и којашто ги опфаќа „сите облици на трговија со луѓе, без оглед на тоа дали се национални или транс-национални“.
Судот потоа утврдил дека, и покрај тоа што во Хрватска постои соодветна законска рамка за криминализација на трговијата со луѓе, принудна проституција и проституција како вид сексуална експлоатација, во конкретниот случај постоеле недостатоци во истрагата. Конкретно, властите не ги испрашале сите сведоци и при донесување на пресудата со којашто обвинетиот се ослободува од обвинението затоа што тужителката доброволно се согласила на сексуални услуги, не се земени предвид меѓународните акти за трговија со луѓе според коишто согласноста на жртвата е ирелевантна. Според тоа, Судот заклучил дека дошло до повреда на процедуралниот аспект на членот 4 од Конвенцијата.
Преземено од официјалната веб страна на Европскиот суд за човекови права