31 Авг Казна затвор заради објавување на навредливи коментари за работата на полицијата
Во предметот на Сава Терентјев против Русија (жалба бр.10692 / 09), Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека имало повреда на член 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на осудителната пресуда на подносителот на жалбата за поттикнување на омраза преку навредливи коментари за полициските службеници во коментарот на еден блог.
Во февруари 2007 година полицијата извршила рација во канцелариите на еден весник во руската република Коми. Невладината организација, Меморијалната комисија за човекови права во Коми, издала соопштение за јавност, во кое ги критикувала активностите на полицијата, поврзувајќи ги со локалната изборна кампања. Претседателот на организацијата го објавил соопштението за јавност на неговиот блог и истиот добил три коментари. Во еден од коментарите се говорело за полицијата како за ,,верни кучиња на режимот”. Меѓу другото, подносителот на жалбата изјавил дека секој руски град треба да има комори ,,како оние во Аушвиц” во кои би ги спалувало ,,нелојаните полицајци” како прв чекор кон ,,чистење на општеството од овие полициски ѓубриња”. Кога предметот дошол на суд, тој им се извинил на поранешните затвореници во нацистичките концентрациони логори и на ,,чесните” полицајци кои се почувствувале навредени од страна на неговите коментари.
Подносителот на жалбата бил осуден во јули 2008 година за поттикнување на омраза и насилни дејствија против полициски службеници и му била изречена едногодишна условна казна затвор.
Судот утврди дека иако јазикот на г. Терентиев бил навредлив и шокантен, тоа само по себе не било доволно за да се оправда мешањето во неговото право на слобода на изразување. Домашните судови се фокусирале на формата и општото значење на неговите зборови и не го разгледале целокупниот контекст; тие, исто така, и не дале никакво објаснување за тврдењето дека неговите постапки претставувале опасност за националната безбедност. Тој бил осуден и добил казна затвор, што треба да се користи само во исклучителни околности кога станува збор за дебати за прашањата од легитимен јавен интерес.
Севкупно, судовите не дале релевантни и доволни причини за мешањето во правата на г-дин Терентиев и неговата осудителна пресуда не го задоволила стандардот на неопходна општествена потреба. Поради тоа, овде дошло до повреда на член 10.
Преземено од официјалниот веб сајт на ЕКЧП.