Низок надомест на нематеријална штета на национално ниво заради неосновано лишување од слобода доведе до кршење на Европската конвенција за човекови права

Европскиот суд за човекови права едногласно заклучи дека дошло до повреда на член 5 § 5 (право на обештетување заради неправедно лишување од слобода) од Европската конвенција за човекови права, во предметот на Василеску и Богданов против Русија (жалба бр. 52241/14 и 74222/14, од 10.07.2018 година).

Предметот се однесувал на жалбата на подносителите заради добивање на незначителен износ на финансиски надомест за незаконско лишување од слобода. Г-дин Василеску бил неосновано лишен од слобода во траење од година и пол додека г-дин Богданов бил погрешно осуден на казна затвор од четири месеци.

Судот истакна дека Конвенцијата не дефинира конкретни нивоа на висина на надомест, туку во надлежност на домашните судови e да го проценат нивото на страдање, патење, анксиозност или други негативни последици од незаконското лишување од слобода, и во согласност со тоа, да утврдат висина на паричен надомест. Сепак, доделувањето на незначителен или екстремно низок надомест заради неосновано  лишување од слобода би го направила ова право на надоместок теоретско и илузорно, а не практично и делотворно, како што е предвидено со Конвенцијата.

Судот особено истакна дека паричниот надомест доделен од страна на националните судови биле еквивалентен износ од 7 евра и 2,70 евра за еден ден поминат во затвор, што претставува толку мал износ што влијае на суштината на правата на жалителите на надомест на штета согласно Европската конвенција.

Покрај тоа, Судот забележа дека Апелациониот совет за пет пати го намалил доделениот надоместок на г-дин Богданов без да даде оправдано објаснување за таквото драстично намалување. Покрај тоа, националниот суд не го споменал  неговиот неоснован престој во затвор, предизвикани од страна на наведувањето на полицијата и употребата на недопуштени докази во кривичната постапка. Наместо тоа, националните судови требало да покажат неодобрување на постапувањето на полицијата и да одредат соодветен надоместок за неоснованото лишување од слобода. Со оглед на горенаведените аргументи, Судот заклучи дека доделените износи биле прениски и истите ја потпокуваат суштината на правата на жалителите за надомест на штета, што резултирало со повреда на Конвенцијата.

Судот, покрај тоа, одлучи дека Русија треба да му исплати на секој жалител по 5.000 евра (ЕУР) за надомест на нематеријална штета, а исто така, наведе и дека исплатата на надоместокот за нематеријална штета не значи дека националните власти во Русија немаат законска обврска да ги исправат (отстранат) повредите на Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права.