06 Јул Право на заборав и слобода на медиумите
Во предметот на М.L. и W.W. против Германија (жалба бр. 60798/10 и 65599/10, на 2018/06/28.), Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека немало повреда на член 8 (право на почитување на приватниот живот) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесува на одлуката на Сојузниот суд на правдата на Германија да одбие да издаде налог за забрана со кој на три различни медиуми би им се забранило да ги стават на располагање на јавноста имињата и расположливите информации за жалителите, кои биле осудени на доживотен затвор за убиството на еден познат актер.
Поради тоа, тие поднеле жалба до Европскиот суд за човекови права, наведувајќи дека дошло до повреда на нивните права во однос на почитувањето на приватниот живот (член 8 од Конвенцијата).
Судот во својата одлука се согласи со Сојузниот суд и потврди дека медиумите имаат обврска да учествуваат во креирањето на демократското мислење, меѓу другото и преку ставање на располагање на јавноста стари вести кои се сочувани во нивните архиви. Покрај тоа, Судот истакна дека правата на лицата кои биле предмет на (односно за кои се известувало во едно вакво) интернет издание мора да се избалансираат со правото на јавноста да биде запознаена со настаните од минатото, посебно преку користењето на дигитални медиумски архиви.
Исто така, Судот забележува дека жалителите не се само физички лица кои ú се непознати за јавноста. Тој посочи дека откривањето во јавноста на овие случаи е прашање на новинарска слобода и дека член 10 од Конвенцијата им остава на новинарите избор да одлучат кои информации би требало да се објават, а кои не, со должна почит на етичките стандарди на професијата.
Судот изјави дека вклучувањето на индивидуализирани информации во известувањето, како што се името и презимето на лицата во овој предмет, е важен аспект на работата на новинарите, особено кога се известува за кривична постапка која привлекла големо внимание на јавноста. Судот, исто така, го зема предвид однесувањето на жалителите, кои, во текот на последното барање за повторување на судењето во 2004 година, сами стапиле во контакт со медиумите, доставувајќи им бројни документи и повикувајќи ги да ја информираат јавноста. Таквото однесување значително придонело за ограничување на нивната анонимност во новинарското известување, односно во ограничувањето на нивното ,,право да бидат заборавени” на интернет страниците. Како заклучок, земајќи го предвид полето на слободна проценка на националните власти при преиспитувањето на конфликтните интереси, како и важноста на одржувањето на достапноста на новинарските текстови кое е препознаено како законито, како земајќи го предвид однесувањето на жалителите, Судот одлучи дека Сојузниот суд постапил во согласност со позитивните обврски на Германија да се заштити право на почитување на приватниот живот на жалителите, односно одлули дека не дошло до повреда на членот 8 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права