Осврт на деценијата на одржување на Форумот за владеење на правото во Југоисточна Европа

(7 ноември 2023 година) Десеттиот Годишен форум за владеење на правото треба да се одржи на 10-ти и 11-ти ноември 2023 година во Босна и Херцеговина. Во текот на изминатата деценија, овој значаен форум, основан во 2014 година, прерасна во клучна платформа за промовирање на Европската конвенција за човекови права, поттикнување на регионалната судска соработка и поддршка на процесот на интеграција на Југоисточна Европа во ЕУ.

Во текот на оваа деценија, Форумот за владеење на правото еволуираше, прилагодувајќи се на постојаното менување на пејзажот на човековите права и владеењето на правото. Од разгледување за заштитата на судската независност и непристрасност, до навремени дискусии за заштита на човековите права во вонредни времиња, Форумот постојано се фокусираше на решавање на критичните прашања во областа на правосудството, што го прави еден од најважните настани во годината на којшто се собираат професионалци од правосудството, правници, адвокати и невладини организации во регионот. 

Но, како стигнавме овде? Придружете ни се на патување низ времето додека славиме деценија од промовирањето на владеењето на правото во Југоисточна Европа. 

Патувањето на Форумот за владеење на правото започна со едноставна идеја – да се подобри спроведувањето на Европската конвенција за човекови права во Југоисточна Европа.

„И Центарот AIRE (тран. АИРЕ) и Civil Rights Defenders (тран. Сивил Рајтс Дифендерс) беа во голема мера вклучени во промовирањето на Конвенцијата. Организацијата Civil Rights Defenders беше посветена на преведување на цели пресуди и креирање тематски публикации, додека Центарот AIRE ја презеде улогата на составување резимеа на пресудите, одржување на база на податоци и многу други работи“, изјави Горан Милетиќ, директор за Европа, Блискиот исток и Северна Африка од Civil Rights Defenders.  

„Сепак, сфативме дека сè уште постои проблем кога станува збор за корисниците на нашите материјали. Поради нивната секојдневна работа, многу луѓе немаа доволно време да читаат долги пресуди и да најдат суштински информации. Тоа нè поттикна да бараме иновативни начини за промовирање на Конвенцијата, правејќи ја достапна и интерактивна за засегнатите страни во регионот, вклучително и за адвокатите и правните стручњаци“, објасни Милетиќ.

„Го основавме регионалниот Форум за владеење на правото уште во 2014 година и имавме три клучни цели. Првата беше да го олесниме спроведувањето на Европската конвенција за човекови права на национално ниво. Второ, да им помогнеме на земјите од регионот во процесот на интеграција во ЕУ, помагајќи им да ги исполнат критериумите за владеење на правото. Конечно, и многу важно, да се олесни регионалната соработка, размената на најдобри практики и градењето врски меѓу професионалците од регионот“, рече Билјана Брејтвејт, Програмски директор за Западен Балкан во Центарот AIRE.

Од година во година, на овој Форум учествуваат судии од највисоките судови, народни правобранители, институти за обука на судии, државни претставници, како и меѓународни и невладини организации од Југоисточна Европа.

„Имавме голема среќа што можевме да ги донесеме најценетите судски експерти во регионот. На пример, во 2019 година ја имавме честа да го угостиме Чесниот судија Лорд Рид, претседател на Врховниот суд на Обединетото Кралство, во 2020 и 2021 година ни се придружи Роберт Спано, тогашниот претседател на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП ), кој исто така продолжи да го поддржува Форумот во 2022 година по неговото претседателствување, а во 2020 година ни се придружи и Дуња Мијатовиќ, Комесарката за човекови права на Советот на Европа“, објасни Брејтвејт.

Роберт Спано, поранешен претседател на ЕСЧП, истакна дека дијалогот во правосудството е една од најважните карактеристики на надворешната политика на Судот.

„Ние сме систем во кој ЕСЧП е сигурносен вентил. Тоа е меѓународен суд кој постапува само во релативно мал број предмети, иако можеби ги има многу на број. Најголем дел од предметите во кои се штитат човековите права се на домашно ниво. Токму домашните судии се првите судии во судот во Стразбур“, изјави Спано. 

„Мислам дека достигнувањата на овој Форум за владеење на правото во изминатите години се многу важни за да можеме конструктивно да комуницираме едни со други, за да можеме да одговориме на прашањата што ни ги поставуваат судиите, за да можеме да создадеме заемна свест, да создадеме доверба, да сфатиме дека навистина сме сите заедно, се надополнуваме меѓусебно преку нашите силни страни, исто така, се трудиме да ги подобриме и да ги поправиме нашите слабости“, објасни тој понатаму.

Дури и во време на криза, Форумот продолжи да дејствува како многу потребна платформа за дискусии и дијалог, како и соработка и заедничко дејствување меѓу земјите за решавање на сложените прашања поврзани со човековите права во услови на предизвици.

„Исклучително е важно што сè уште имаме можности да се состанеме и да размениме мислења и да разговараме за важни прашања што ги засегаат нашите општества во регионот на Советот на Европа и пошироко. Во криза како оваа што ја доживеавме, посветеноста на земјите-членки на човековите права е ставена на најстроги тестови“, рече Дуња Мијатовиќ во нејзиниот главен говор на Форумот одржан во 2020 година, неколку недели откако европските земји почнаа да воведуваат мерки на ограничено движење поради глобалната пандемија со КОВИД 19, во која повика на поголема солидарност, доверба и транспарентност меѓу владите за ефективно да ги заштитат и поддржуваат човековите права.

Додека Форумот прославува една деценија напредок, тој продолжува да се развива, а 10-от Годишен форум за владеење на правото е пред нас.

Оваа година, Форумот ќе се фокусира на темата „Балансирање помеѓу заштитата на податоците и транспарентната правда: европската правна рамка“. Дискусиите ќе се фокусираат на заштитата на членот 8, правото на почитување на приватниот и семејниот живот, во контекст на судските постапки, земајќи ги предвид заштитните мерки кои се задолжителни според членот 6, правото на правична судска постапка. Тоа вклучува балансирање помеѓу барањето за судска транспарентност и барањето за заштита на правото на приватниот живот на страните во постапката, преиспитувајќи кога е соодветно или неопходно да се анонимизираат пресудите и дали и кога е дозволено да се прифатат докази изведени од пресретната електронска комуникација или одлуките да се засноваат на такви докази. Овие прашања се актуелни ширум Европа, бидејќи технологијата што постојано се развива продолжува да го трансформира начинот на кој истражуваме и гониме злосторства и на кој водиме судски постапки.