15 Мај Првата национална симулација за итни случаи за сузбивање на компјутерски криминал се одржа во Скопје
Првата национална симулација за итни случаи за сузбивање на кибернетички инциденти и безбедносни инциденти од областа на информатичко-компјутерските технологии на национално и меѓународно ниво се одржа на 8 мај 2018 година во Скопје. Состанокот беше организиран од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).
Симулацијата беше од особена важност за општествената заедница, имајќи предвид дека кибернетички напади станаа секојдневна закана за денешниот современ глобализиран свет.
Кибернетичките напади се појавуваат во различни облици, подеднакво штетни и опасни, како што се интернет кампањи, кибернетичко војување или кибернетички тероризам кои можат да имаат различен контекст. Различните видови на кибернетички напади варираат од инсталирање на шпионски софтвер на персоналните компјутери на корисниците, па сé до постоење на намера да се уништи инфраструктурата на цели земји. Овие напади стануваат се’ пософистицирани и се’ поопасни.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн, оцени дека одржаната симулација ќе им помогне на владините претставници и приватниот сектор да ја подобрат својата соработка со цел заеднички и подобро да одговорат на кибернетичките безбедносни закани и безбедносните закани од областа на ИКТ. Според Голдстајн, овој вид на соработка е најдобриот начин за сузбивање на компјутерскиот криминал и борба против него.
Преземено од официјалниот веб сајт на ОБСЕ