13 Јул Тужба за надомест на штета
Во предметот Каменова против Бугарија (претставка бр. 62784/09, oд 12.07.2018 година), Европскиот суд за човекови права утврдил дека не дошло до кршење на членот 6, став 1 (пристап до судот) од Европската конвенција за човекови права.
Пoдносителот на претставката е бугарска државјанка која се жалела дека судот не донел судска одлука за нејзиното барање за надомест на штета поради смртта на нејзината ќерка. Ќерката на подносителот на претставката починала во сообраќајна несреќа во 1997 година. Возачот на камионот бил кривично гонет и прогласен за крив во 1999 година, меѓутоа пресудата била укината и била отворена нова истрага во 2000 година. Возачот подоцна пак бил осуден во 2002 година во другата постапка. Госпоѓата Каменова поднела тужба за надомест на штета против возачот и неговиот работодавач во 2001 година, во втората кривична постапка која се водела. Судовите во 2004 година досудиле надомест на штета на роднините на загинатите лица во несреќата, но тужбата на апликантката ја отфрлиле во 2006 година бидејќи жалбениот суд утврдил дека таа имала обврска да поднесе тужба во првата кривична постапка која се водела против возачот. Судовите исто така ја отфрлиле и нејзината тужба за надомест на штета во парничната постапка во 2007 година, поради тоа што бил истечен судскиот рок од пет години за поднесување на тужба.
Потпирајќи се на член 6, став 1 (пристап до судот) од Европската конвенција за човекови права, госпоѓата Каменова поднела претставка до Судот, наведувајќи дека националните судови никогаш не ја ни разгледувале нејзината тужба за надомест на штета.
Судот истакна дека подносителката на претставката не ја поднела навремено тужбата за надомест на штета против Х.Х. и неговиот работодавач во контекстот на кривичната постапка во 1998 година, кога Регионалниот суд првпат почнал да го разгледува предметот. Таа не дала никакво објаснување за таквото постапување, ниту пак нагласила тогаш дека и бил оневозможен пристап до судот.
Судот, меѓутоа, навел дека начинот на кој националните судови го третирале случајот е отворен за критика. Поточно, Регионалниот суд во 2001 година прифатил да ја разгледа тужбата за надомест на штета на подносителката на претставката во текот на кривичната постапка, меѓутоа вишите судови подоцна утврдиле дека тоа било погрешно. Кога барањето за тужба било примено за разгледување во кривичната постапка, апликантката била спречена да поднесе иста таква тужба во парнична постапка. Во случај кога Регионалниот суд би одбил да го прифати барањето за разгледување на тужбата или порано би го одбиел барањето, или доколку кривичниот суд би го отстапел предметот на надлежниот суд во парничната постапка, подносителката на претставката би била во можност навремено да поднесе тужба за надомест на штета до надлежниот суд.
Врз основа на сите овие работи, судот утврдил дека без оглед на грешките на националните судови, останува фактот дека апликантката, без никакви оправдани причини, не ги искористила јасните и непречени можности нејзиното барање да се разгледува правно, и според тој факт, судот заклучил дека нема повреда на членот 6, став 1 од Конвенцијата.
Преземено од официјалната интернет страна на Европскиот суд за човекови права.